ПСИХЕСКОП vol.6

0
400

НИЕ & СВЕТОТ ОКОЛУ НАС: ПСИХОЛОГИЈАТА И ИНТЕРПЕРСОНАЛНИТЕ ОДНОСИ

По шестти пат годинава, традиционално беше организиран ПсихескоП. Овој пат, темата беше „Ние и Светот Околу Нас – Психологијата и Интерперсоналните Релации“. Една од целите на Психескоп е проширување на психолошките сознанија надвор од универзитетските предавања, па на тој начин – правење на психологијата достапна и за пошироката популација, за луѓе кои не се занимаваат со неа на професионален план.

На настанот различни категории на луѓе, вклучувајќи млади и возрасни, студенти по психологија, студенти од разни други факултети, оние кои не се студенти и имаат најразлични животни и дејносни позадини, имаа прилика да ги прошират своите хоризонти на една примамлива и актуелна тема која не засега сите нас, како на индивидуално така и на колективно ниво.

Настанот се одржа во рамки на два дена – 28ми и 29ти февруари, по што следуваше хуманитарна забава организирана во МКЦ Клуб и Ресторан. Понатаму во овој текст ќе биде направена кратка сумација на она што имавме прилика да го научиме на овој настан.

Првото предавање со кое Анита Јанчевска го беше отворила настанот ја опфати темата „Димензии на интерперсоналните односи – какви релации креираме?“. Таа ги постави постулатите за публиката да има подобро разбирање на понатамошните предавања. Беа разгледани различните димензии низ кои се манифестираат интерперсоналните односи и беше споделена практична алатка „Џохари прозорец“, која служи за подобро осознавање на себе, како и подобро осознавање и на релациите кои ги креираме со увидување на што е познато и непознато од нас за нас, што е познато и непознато од нас за оние околу нас.

Следното предавање на Радмила Живановиќ беше на тема „За односите родители – деца: Алхемијата на контактот“. За време на ова предавање, длабински навлеговме во импактот кој воспитувањето и насочувањето од страна на родителите го има врз децата. Увидовме како родителите и децата учат едни од други и како нивниот однос поведува взаемни личносни трансформации и унапредување. Ни беше дадена можност да станеме посвесни за начините на кои родителите влијаат врз своите деца, како и обратно. Воедно, фокусот беше ставен на различните процеси кои се јавуваат во овие релации. Предавањето беше проследено со интересни прашања и дискусии со публиката.

После тоа, следуваше работилницата на Андреа Велинова на тема „Говор на тело“. За време на оваа работилница, учесниците се соочија со можноста да го проучуваат говорот на тело преку групна и партнерска работа. Вежбата имаше за цел да им овозможи на учесниците на практичен начин да осознаат повеќе за интерперсоналните релации, како и за самите себе. Учесниците беа соочени со ситуација на излегување надвор од својата комфорна зона во однос на комуникацијата, при што беше користен само невербалниот говор, генерално помеѓу личности кои не се познаваат меѓусебно, со целосно исклучување на вербалниот говор. Вежбата беше проследена со споделување на доживувањата кои се појавија за време на вежбата.

Вториот ден од настанот беше отворен со предавањето на Станислав Петковски – Сашо кое ја опфати темата „Пријателски релации“. Во рамки на ова предавање ги разгледавме различните димензии на пријателството, кои од нив се потребни за создавање здрави и исполнувачки пријателства и што води до нивно одржување или распаѓање. Воедно, увидовме и кои пријателски релации доведуваат до застој во личниот и взаемниот развој, како и што тие кажуваат за нашите психолошки потреби и психолошките потребите на оние околу нас. Беше направена анализа на различни интеракции помеѓу его-состојбите во рамки на концептите од трансакциска анализа како психолошки пристап и како истите се манифестираат, односно нивно препознавање.

Потоа следуваше предавањето на тема „Токсични релации“ на Емилија Стоименова Цаневска. Во рамки на ова предавање ги увидовме разликите помеѓу здравите и нездравите т.е. токсичните релации, различни начини на нивно манифестирање и карактеристиките на луѓето кои ги креираат истите. Ја увидовме двостраноста на овие релации и начинот на кој секоја релација е взаемна креација, заедно со најчестите личносни нарушувања кои ги карактеризираат агресорите, од кои нарцисистичното, бордерлајн и антисоцијалното психопатско/социопатско нарушување. Исто така, се споделија практични совети во однос на справување со такви личности, односно препорачано однесување кога ќе се најдеме во таква релација.

Потоа, следуваше предавањето „Магијата на личносниот ‘клик’ – Интерперсонални релации во организациска структура“ од страна на Моника Костовска и Тиана Ивановска, заедно со нивната работилница „Зборувај ми ефективно“. Во рамки на предавањето беше разгледана комуникацијата во рамки на организациска структура, различни стилови на комуникација и начини за ефективна и ефикасна регрутација на кадри за различни позиции. Понатаму, во рамките на работилницата, неколку луѓе добија улоги во однос на одредена проблематична ситуација која требаше да ја одглумат  и решат со помош на импровизација во рамки на својата улога, со што беше направена симулација на комуникација во организациската средина и приказ на стиловите на комуникација.

Настанот беше затворен со последната активност за денот, работилницата „Разрешување конфликти: Ајде да почнеме“ од страна на Виолета Петроска – Бешка. Во рамки на работилницата, со помош на интерактивна работа во групи и активно учество, беа дефинирани основите во однос на тоа што се конфликтите и каде се јавуваат. Се стекнавме со знаење за кои се конкретните карактеристики на еден конфликт со цел негово препознавање и почетни насоки за размислување во однос на нивно разрешување. Учесниците, со помош на различни активности беа ставени во ситуации во кои од нив се бараше критичко размислување во однос на разрешувањето на конфликтни ситуации.

По официјалното завршување на настанот, дружбата продолжи во МКЦ Клуб и Ресторан, каде беше организирана хуманитарна забава за помош на малиот Андреј Ѓорѓиоски од Прилеп, кому му е потребна итна операција на дигестивниот систем. Вечерта беше исполнета со музичката програма на Сектор 6, бендот составен од Илија Лазевски, Виктор Јолакоски и Александар Џо Господов.

ПсихескоП настаните се од големо значење за нашата мисија на креирање психолошки свесно општество и подобрување на генералната ментална добросостојба на пошироката популација. Благодарни сме за успешно реализираниот настан, исполнет со стекнување на нови знаења, дружба и конструктивно минење на еден слободен викенд. Ја изразуваме нашата благодарност за сите оние кои беа дел од настанот на различни начини: членовите на организацијата, предавачите, посетителите, како и спонзорите. Се надеваме дека сите инволвирани со себе понесоа нешто продуктивно и значајно за нивниот живот.

Ви благодариме.

Автор: Илина Димовска

Им благодариме на сите гости што со своето присуство го збогатија овогодинешниот Психескоп vol.6 на тема „Ние & светот околу нас: Психологијата и интерперсоналните релации“ и на сите предавачи кои што несебично ја прифатија нашата покана да бидат дел од настанот! Исто така, изразуваме и огромна благодарност до Филозофски факултет, Факултетско студентско собрание на ФЗФ, Синалко, Гранд кафе и Макс Струмица без чиј придонес немаше да успееме да го организираме овој настан. 

Голема благодарност изразуваме и до целиот тим на волонтери и нашите фотографи Бојан Станков и Ѕвездица Алексоска. Исто така, од сè срце им се заблагодаруваме за придонесот и на Pizza Jakomo, Радио Моф, Внатрешен патник, Весна Јанкулоска од Македонско радио и бендот „Сектор 6“ и клуб & ресторан МКЦ што нѝ излегоа во пресрет за одржување на хуманитарната забава.

До наредно видување, поздрав од тимот на Психеско!

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here