Сите сме свесни за постоењето на хуморот, со оглед на тоа дека хуморот е дел од секојдневниот живот на човекот. Но, колку навистина сме свесни за значењето на хуморот?

Здружението на студенти по психологија „Психеско“ го реализираше настанот THE HUMOR CODE, кој се одржи на 2 Април 2018 година, понеделник, во Гем Клуб Менада со почеток во 18 часот.

Хуморот по дефиниција претставува тенденција на определено когнитивно искуство да предизвика смеење и да обезбеди чувство на задоволство и забава.

Зошто хумор?

Хуморот постои од самото постоење на човекот. Можеме насекаде да го увидиме неговото присуство – од социјални мрежи, реклами, филмови, книги и други типови на уметност, како и секојдневните меѓучовечки интеракции.

Поради тоа што се уште нема една целосно поткрепена теорија која сосем го образложува хуморот заедно со неговото еволуциско и интегративно значење во човековиот живот и култура, круцијално е да разгледаме повеќе теории од психолошки и семиотички аспект. Со цел подобро да го разбереме хуморот и неговото место во нашиот живот, М-р Филип Сулејманов и Проф. д-р Никос Чаудисис како предавачи од тоа поле ни ги доближија следните теории за хуморот:

М-р Филип Сулејманов ни обезбеди интерпретација на истражувања кои се направени во поглед на типот на хуморот во кој се ужива. Во случајов ни прикажа поделба на хуморот според неговата конгруентност на смислен и бесмислен хумор. Конгруентноста кај хуморот претставува заокружување на одредена поента – односно, дали проблемот кој е поставен во шегата се разрешува. Кај смислениот хумор, шегата е поставена, постои неизвесност односно прашање и на крај се добива одговор на прашањето кој нашиот ум може да го рационализира и да го поврзе на смислен начин со прашањето, додека кај бесмислениот хумор се поставува неизвесноста односно прашањето на кое подоцна се добива одговор, меѓутоа одговорот не е рационален и логичен. Поради ова, во поглед на бесмислениот хумор нашиот ум не може да најде рационална поврзаност помеѓу прешањето и одговорот.

Тој потоа  ни приложи интерпретација на истражувања кои биле спроведени со цел да проверат дали постои корелација помеѓу преференцата на хумор, степенот до кој испитаниците уживаат во светска музика во која спаѓаат џез и класична музика (се смета за комплексен тип на музика). Освен корелацијата помеѓу преференците на хумор и музика, била испитувана и корелацијата помеѓу преференцата на хумор и допадливоста на уметност која била оценета како апстрактна и комплексна.

Хуморот бил оценуван на скала на емоции кои ни ги предизвикува. Најчестите емоции кои хуморот може да ги предизвика кај човекот се комичност, аверзивност, некомичност и неаверзивност.

Во суштина она што било пронајдено е дека постои корелација помеѓу хуморот и уживањето во светска музика и апстрактна уметност, со тоа што колку похумористични испитаниците ги доживувале шегите од бесмислена природа, толку повеќе истите испитаници уживале и во светска музика и апстрактна уметност. Исто така, кај испитаниците кои уживале во овие комплексни видови на музика и уметност постоел многу понизок степен на аверзивност кон бесмислените шеги во споредба со оние испитаници кои не уживале во истите музика и уметност.

Овие исти истражувања биле спроведени низ повеќе држави во светот, па така и кај нас. Она што е битно при спроведување на вакво истражување е шегите да соодветствуваат со културата, односно да бидат шеги кои се раширени низ самата култура на едно општество. Токму поради ова, кај едно вакво истражување шегите кои ќе бидат дадени за оценување на хумористичност во Германија и кај нас не можат да бидат исти. Тие мора да бидат внимателно одбрани со цел кај истражувањето да постои солиден степен на легитимност.

Проф. д-р Никос Чаусидис ги прикажа архаичните основи на хуморот, односно корелацијата помеѓу животот, половата репродукција, смртта и хуморот. Хуморот ни го претстави како симбол на животот. Затоа толку често, мудрите фигури низ историјата кои повикувале на љубов и соживот се прикажани со насмевка на лицето додека фигурите низ историјата кои се прикажани како сериозни и намуртени се често оние кои повикувале на смрт, предизвикувале општ хаос и беда во општеството (како религиски и идеолошки фанатици).

Хуморот исто така ни го претстави како начин на реакција на нередот. Редот и симетријата во визуелна смисла имаат тенденција да му предизвикаат чувства на восхит на човекот, додека нередот како спротивно на ова предизвикува чувство на хумор. Токму поради ова, естетскиот неред е прикажуван уште во античко време кај статуи и споменици. Естетскиот неред во модерно време е прикажуван од страна на карикатуристите кои умеат да ги лоцираат симетриските недостатоци на ликот и да ги истакнат, што кај нас предизвикува чувство на хумор.

Во поглед на животот, репродукцијата и хуморот, голема улога има самата репрезентација на репродуктивните полови органи на човекот во уметноста и културата. Уште од античко време луѓето често имале предиспозиција да поистоветуваат делови од горната половина од телото со делови од долната половина од телото. Поради ова, можат да се сретнат многу антички артефакти на кои е прикажан лик кој има голем нос. Имено, носот се поистоветува со фалусот кај човекот. Фалусот би можел да биде прикажан со цел репрезентација на неплодност, при што тогаш би се поистоветувало со неред, додека фалусот како репрезентација на плодност е приказ на животот. И во двата случаи, се појавува хумористично чувство.

Од друга страна, пример од популарната култура за репродукцијата и хуморот се кловновите, поконкретно начинот на кој е нацртана устата на кловнот. Устата се поистоветува со вулвата, повторно како симбол за животот и репродукцијата. Поради ова, кловновите имаат тенденција да ни предизвикуваат хумористично чувство.

Причината поради која одредени кловнови се доживуваат како страшни наспрема хумористичности во однос на другите е приказот на нивните усни – односно забите. Ова има корени уште од приказот на чудовиштето Медуза во античката грчка митологија, каде Медуза била претставувана со големи шилести заби. И кај нејзиниот приказ, устата која треба да е репрезентација на вулва односно живот има шилести заби кои се репрезентација на смртта. Може да се направи паралела помеѓу античката Медуза и модерните кловнови, кај кои се присутни истиве карактеристики – усни со налик на вулва и шилести заби кои потсетуваат на смрт.

Корисно е да се информираме за појави кои се дел од нашето секојдневие како што е хуморот, со цел подобро да се разбереме себе си како и местото на хуморот во нашиот живот и култура.

 

Подготвила: Илина Димовска

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here