ЗСП „Психеско” и оваа година организираше мотивациски викенд кој беше одржан во срцето на Крушево. Целта на овогодинешниот викенд беше доаѓање до тимска работа и зближување на членовите преку најразлични активности, со што ќе ги уживаме предностите на зголемувањето на квалитетот на работно-социјалните односи во рамките на организацијата. Во овој текст се надеваме дека ќе ја доловиме волшебната атмосфера на самиот викенд, со цел прикажување на генералната слика на оние кои не биле во можност да дојдат, или оние кои присуствувале да можат да се потсетат на убавите случувања.

На 15.02, во Петок наутро, тргнавме од Скопје за Крушево, возбудени и полни со енергија. Снегот не пречека попладнето, а ние веднаш се сместивме во изнајмената вила. Имавме собир во заедничката соба, каде што беше презентирана агендата, планираните активности, како и објаснувани правилата и кодексот кој го следевме за време на викендот. Освен ова, битен дел беше распределувањето на различни одговорности кои различни членови треба да ги обават, како: будење на останатите членови наутро, готвење храна и купување намирници. Преземањето на одговорност е битна карактеристика која нашето здружение се стреми да ја негува. 

По ручекот, имавме забавен енерџајзер каде што сите подобро се запознававме, а потоа игравме и квиз кој беше посветен на Психеско и неговата структура, функција, историјат, статут и слично. Овој квиз беше креативен и забавен начин на потсетување и зацврстено учење на историјата, целите и сите други аспекти на нашето здружение. 

Откако се сместивме секој во своите доделени соби, имавме за цел да изработиме стратегиски план, со тоа што бевме поделени во три групи. Првата група беше спој на Секторот за Човечки Ресурси и Секторот за Надворешна Соработка, втората група ја сочинуваа Секторот за Маркетинг и Секторот за Организирање Настани, а третата група беше Секторот за Истражување. Заедничкото работење на секторите е од клучна значајност за здружението, па со активности на меѓусекторска соработка се стремиме да ја подобриме нивната меѓусебна комуникација и синхронизација.

После оваа активност повторно следуваше енерџајзер кој допринесе кон нивото на нашата енергија. Продолживме со изработка на планот, а подоцна секоја од групите го имаше за задача да го презентира своето изработено дело пред останатите. Внимателно слушавме што има секој тим да каже, со цел да увидиме во што треба да вложиме повеќе работа и каде треба повеќе да го насочиме нашиот фокус. 

Вечерта беше планирана за разновидни друштвени игри кои паралелно се одвиваа, во зависност од желбите на членовите. Некои од членовите се забавуваа во заедничката соба со игра на асоцијации, а други пак се забавуваа со различни board games.

Следното утро, одговорниот тим за будење беше задолжен да ги разбуди сите на време, со цел да може да се продолжи со активностите на начин на кој се планирани во агендата. По појадокот, имавме енерџајзер посветен на тимската работа, каде што мораше да се работи заеднички за да се добие поен. Вториот енерџајзер беше одличен за да интерперсонално зближување помеѓу сите членови по пат на поставување веќе одбрани прашања.

Интересен дел од викендот беше и подготовката за ручек, каде што тимската работа и комуникацијата беа повторно во центарот на вниманието и беа клучни за успешно постигната цел, односно одлично зготвената храна.

По вкусниот ручек и заслужен одмор, повторно се зафативме со работа. Овој пат, фокусот го насочивме кон изработка на Годишниот План за секој од секторите, а групите останаа истите од претходниот ден. Беа разгледани сите предности и недостатоци на секторите и местата каде тие би можеле да се подобрат. Беа  конкретизирани општите цели и беше спроведена бура на идеи за нивно можно постигнување. Презентирањето на овој годишен план беше оставено за следниот генерален состанок на Психеско во Скопје.

На паузата од оваа активност, направивме два многу важни енерџајзери. Првиот ја вклучуваше тимската работа, на која и дадовме огромно значење овие три дена, но ја вклучуваше и меѓусебната доверба на членовите, како и нивното соочување со голема одговорност. Имавме кратка дискусија после енерџајзерот за да може да се увиди лекцијата од самиот. Вториот енерџајзер ни го покажа срцето на секој од членовите. Разговаравме за нашите стравови и причините зад нив, нашето лично искуство и соочување, но и дававме совети еден на друг за нивно надминување. На крај, седнавме во круг и имавме за задача да си направиме ретроспекција на себеси и да кажеме каков прогрес сме имале со некој проблем во минатото. Овој енерџајзер не зближи повеќе од што очекувавме, а вечерта продолживме со забава и друштвени игри.

Последниот ден, решивме да ги разгледаме убавините на Крушево пред да се вратиме дома. По појадокот, отидовме до Македониумот и уживавме во чистиот воздух. Се забавувавме правејќи интересни фотографии и зборувавме за тоа како не сакаме да престане тоа прекрасно искуство. Тие три дена навистина не мотивираа за поголема активност во самото здружение.

Иако краток, овој Мотивациски Викенд навистина беше незаборавен. Се што правевме, правевме заедно, бевме тука едни за други, развивајќи ја емпатијата и интерперсоналните односи. Подобро се запознавме, другарувавме и вистински доживеавме како е да се биде дел од тим; кај некои членови почна да се развива љубовта кон тимското работење, а некои ја поткрепија истата. Се мотивиравме со цел да имаме попродуктивна година во нашето здружение, да ја користиме својата креативност за развивање на идеи и да ја користиме својата енергија за да реализираме различни активности. Овој викенд беше прекрасно искуство кое беше бенефицијално за сите и секако, во исчекување сме за сите идни настани и викенди кои ќе бидат организирани од страна на Психеско.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here