ЗСП „Психеско“, традиционално, по петти пат го организира настанот ПсихескоП, настан чија цел е проширување на психолошките сознанија надвор од универзитетски предавања, преку теми од кои како психолозите, така и сите можат да научат нешто ново и да добијат практична корист. Во овој текст се надеваме да ги доловиме случувањата на ПсихескоП вол. 5: „Психологија и Технологија“ за секој кој бил заинтересиран за настанот и опфатените теми но не успеал да присуствува, или за секој кој присуствувал но сака да ја освежи својата меморија.

Предавањето од страна на Бојана Стојменовиќ ја опфати темата: „Ментално здравје и користење на социјалните мрежи- Дали си среќен како и на социјалните мрежи?“. Беа опфатени предностите и недостатоците кои се јавуваат како ефекти на користењето на социјалните медиуми, со цел публиката да има простор да го установи својот став врз база на небиасирани информации. Излагањето на Бојана беше поделено во два дела измеѓу кои имаше пауза, првиот дел беше предавање/презентација а вториот работилница.                                              Предавањето беше интересен преглед на секојдневните навики на користењето на најпопуларните социјални мрежи. Започна со краток осврт на почетоците и настапувањето на социјалние медиуми на сцената, нивното суптилно но енормно навлегување во нашите животи за да заврши со анализа на тоа колку се истите присутни во нашите животи и до која мера сме ние зависни од нив. Беа поставени следниве прашања: која е границата помеѓу здраво и прекумерно користење на медиумите, кои потреби ни се задоволени од користењето на социјални мрежи, што ги прави толку примамливи и зошто постои тенденција за зависност од социјални мрежи, како може да им се помогне на оние кои се опсесираат со нивниот живот на истите.  Овие прашања беа интерактивно дискутирани со публиката каде што предавачот ги поткрепуваше и аргументираше овие теми со научни докази изведени од истражувања. За време на работилницата публиката беше поделена на две групи, од која едната требаше да ги одреди и брани предностите, а другата недостатоците на социјалните мрежи, при што следеше кратка дебата на темата.

Во пресрет на нашата студентска размена со студентите од Малта која се одвиваше во тој период имавме предавачи чии презентации се одвиваа на англиски. Гоце Арсовски на англиски јазик одржа импресивно предавање на тема: Злоупотреба  на психолошките тестови на интернет – Како да ја зачуваме научната вредност на психологијата; The abuse of psychological tests on the internet – How to preserve  the scientific value of psychology.Опфаќајќи ја психометријата како еден од основните научни столбови на психологијата, тој даде осврт на развитокот на оваа наука посочувајќи дека токму психолошките тестови се она што психологијата ја одделило од филозофијата овозможувајќи и да стане наука. Понатаму тој пластично ја претстави злоупотребата на психолошките тестови што е можна на интернетот преку што на јавноста и се прикажува негативна слика за што значи самото психолошко тестирање и психологијата воопшто. Како решение за овој феномен тој го понуди апсолутното одбивање и неоддавање никаква доверба на се она што се афирмира како психолошки тест а не е зададено од професионалци во строго одредени и од напред пропишани услови со цел да се зачува научната вредност на психологијата.

Второто предавање на англиски јазик „Психолошки трикови при изработка и дизајн на апликации – Brain Hacks – A Roadmap to Great Design” беше спрововедено од страна на една млада, успешна и ентузијастична личност – Александар Бојковски кој со лесен и ведар тон ни презентираше многу интересни начини и трикови за изработка и дизајн на апликации кои се во основа базирани на психолошки феномени. Некои од овие психолошки феномени се илузии кои можат да бидат поделени на перцептивни илузии и процеси на внимание, односно илузии на внимание.

Ова предавање ни ја даде психолошката перспектива на област на која ретко луѓето помислуваат кога ќе се спомне психологијата како наука. Ова е само уште еден доказ за тоа како психологијата е насекаде околу нас, дури и онаму каде што најмалку очекуваме. Во случајов, психологијата можевме да ја пронајдеме во област каде што работите изгледаат како да се едноставни и како да имаат чиста техничка природа.

Базирано врз блоговите на ликот Вера Арсиќ од серијата „На Терапија“, позади кои стои Марија Штерјовска, таа одржа предавање опаќајќи патолошките аспекти на онлајн однесувањето. Увидувањето на причината за агресијата, хостилноста и негативноста која е многу поприсутна во виртуелниот наспроти вистинскиот свет опгаќа анализа на односот помеѓу агресорот и жртвата. Интернетот е совршен за креирање простор за дехуманизација на жртвата во очите на агресорот поради тоа што истиот не е изложен на директните реакции на жртвата, а со ова кај агресорот не се буди емпатија за другата страна.                                                                              Таа истакнува дека луѓето кои водат богат виртуелен живот каде покажуваат моќ, агресија градат нов идентитет со цел бегство од реалноста во која тие најчесто имаат ниска самодоверба и инфериорен социјален статус.  Се појавува потреба за градење на нов виртуелен идентитет кој отстапува од реалниот идентитет на личноста, што кај личноста создава ефект на бегство наместо справување со своите личносни слабости и недостатоци. Личноста почнува селективно да се претставува себеси прикажувајќи ги само своите доблести, кои не секогаш се реални. Социјалните мрежи се совршени за ова поради тоа што личноста се крие зад електронскиот уред.

Предавањето одржано од Христина Стефановска беше на тема „ Cyber-насилство меѓу врсниците-видово на насилство,последици и превенција“. Имајќи го во предвид нејзиното искуство со работа со деца и познавање на самата област, Христина ни ги претстави последиците од онлајн насилството. Гледајќи го насилството од призма на кои се последиците од истото, беше установено дека како насилството генерално, така и онлајн насилството има навистина огромно влијание врз детскиот развој.За време на ова предавање имавме прилика да слушнеме најразлични примери за онлајн булингот и различните форми во кои тој може да биде присутен, научни факти за булингот, како и терапија, односно како би можеле да се справиме со булингот и неговите последици. Подоцна бевме поделени во групи во кои разгледувавме различни примери за булинг и целта беше да соочиме со појавата на булинг со тоа што ќе најдеме начин како да се однесуваме во таков случај, односно да пронајдеме соодветно решение за проблемот.

Уште една од работилниците на настанот беше одржана од страна на Стефан Петровски кој е долгогодишен волонтер и активист на национално и глобално ниво. Тој одржа работилница на тема „Говор на омраза“ за време на која на интересен и интерактивен начин ни ги долови секојдневните сценарија на повреда на правата на личноста кои се појавуваат како резултат на зголеменото присуство на говор на омраза на интернетот.

Публиката беше поделена на групи на кои и беа зададени различни примери за говор на омраза на интернетот, со цел групата да процени како и дали воопшто би бил казнет тој говор. Секако, ова беше со намера да се стимулира публиката на критичко мислење преку не само дискусија туку и информирање за различните реални ситуации со се соочуваме или со кои би можеле да се соочиме во иднина.

Андреа Кулаков настапи на опширна тема – вештачка интелигенција, која одлично и систематизирано ја изнесе. На ова предавање имавме прилика да слушнеме краток историски осврт на темата, разликата помеѓу ВИ и Генерална ВИ – примарната разлика е во тоа што ВИ се роботи кои се специјализирани за одредена работа, додека ГВИ фукнционираат како целосни луѓе, личности. Беше разгледана можноста за постоење на ГВИ и кои се ризиците на ваков робот. Пристапот кон темата беше оптимистички, односно ставот беше дека ГВИ не би се претвориле во злобни софтвери кои сакаат да го доминираат човештвото.                                                                    Потоа беше дискутирана ВИ низ филозофската и етичката призма. Некои од прашањата кои се поставуваа беа дали ВИ можат да имаат емоции односно дали воопшто можат да се програмираат емоции, дали би им биле потребни и дали можат да имаат само корисни емоции кои би имале мотивациска функција, дали можат да станат злобни и дали луѓето би биле сеуште потребни доколку роботите станат толку софистицирани до степен до кој би можеле да не заменат.

ПсихескоП како еден од главните настани на Психеско помина со многу едукација и дружба! Преку согледување на сите овие аспекти од поврзаноста помеѓу психологијата и технологијата како екстензивна тема со помош на професионалци, успеавме да го завршиме настанот со колективно проширени хоризонти на оваа тема.

Автори:

Марија Стојановска

Илина Димовска

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here